Првата фотоволтаична централа на ОКТА инсталирана во „Единство“ Струмица пуштена во употреба
Првата фотоволтаична централа на ОКТА инсталирана во „Единство“ Струмица пуштена во употреба
(Струмица, 29.11.2018) – ОКТА ја пушти во употребата првата фотоволтаична централа инсталирана на покривот на компанијата Конфекција и трикотажа АД Единство од Струмица. Поставувањето на централата е дел од десетгодишниот договор склучен со струмичката компанија за снабдување со електрична енергија по најповолни пазарни услови. Со овој чекор ОКТА влегува на пазарот на електрична енергија во двојна улога, и како снабдувач на електрична енергија и како производител.
„ОКТА започна процес на преобразба од нафтена во модерна енергетска компанија која во своето портфолио ги додава производството на електрична енергија од обновливи извори и снабдувањето и менаџирањето на енергија за своите клиенти. Преку договори со мали и средни индустриски компании кои трошат многу електрична енергија во својот производствен процес, но кои, исто така трошат и нафтени деривати и други енергенси (огревно дрво, јаглен), ние како субјект инвестираме во фотоволтаични електрични централи за производство на електрична енергија. Во исто време ОКТА ќе се грижи и за менаџментот на енергијата во компаниите со што ќе придонесеме за поголема енергетска ефикасност, односно намалување на загубите во енергија на компаниите. Во секој случај, замената на јагленот, огревното дрво или мазутот со електрична енергија од обновлив извор, придонесува и за заштитата на животната средина во местата каде што функционираат овие компании“, изјави Ристо Јаневски, Директор на Стратешко планирање и развој во ОКТА.
Инсталираната фотоволтаична централа е со моќност од 100 kW. Поставени се вкупно 352 панели од Canadian Solar, светски реномиран производител и 4 инвертори од познатата германска компанија SMA Solar Technology AG. На годишно ниво, централата ќе произведува 125 MWh зелена електрична енергија или околу една третина од вкупните потреби на компанијата Единство.
„Ова е навистина значаен чекор за нас со оглед на тоа што ќе овозможи значителна заштеда за компанијата, а посебно заради намалување на дисбалансот меѓу обемот на компанијата и потрошувачката. Покрај намалувањето на издатоците, замената на огревното дрво, мазутот и маслото за домаќинство како енергенси, веќе станува потреба и неминовност кон што сите компании треба да се движат. Со концептот што ни го понуди ОКТА и постигнатиот договор по најповолни пазарни услови, сме на добар пат кон зголемена ефективност и намалени трошоци“, изјави Иљо Кузманов, Управител на Конфекција и трикотажа АД Единство.
Неодамна ОКТА донираше фотоволтаична централа на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, која е наменета за потребите на факултетот. Со стекнувањето на соодветните енергетски лиценци и предуслови за работа во овој сектор, ОКТА станува рамноправен стопански субјект на пазарот на електрична енергија.