Лабораторијата на ОКТА успешно се акредитира по најновиот ISO стандард
Лабораторијата на ОКТА успешно се акредитира по најновиот ISO стандард
(Скопје, 17.04.2019) - Лабораторијата на ОКТА минатата недела стана една од првите лаборатории во државата која успешно го мина процесот на акредитација согласно најновиот меѓународен стандард МКС EN ISO/IEC 17025:2018. Овој сертификат за акредитација ја означува лабораторијата како квалификувана и компетентна да обезбеди услуги во областа за која е акредитирана, ја зголемува нејзината вредност и гарантира високо ниво на доверба во резултатите кај корисниците на услугите.
Преку овој процес лабораторијата на ОКТА, исполнувајќи ги новите критериуми и барања, направи транзиција на новата верзија од стандардот МКС EN ISO/IEC 17025, со кој се стекна уште во 2006 година, кога беше прва акредитирана лабораторија во државата. Акредитацијата вклучува проценки на терен и оценување, како и тестирање на стручноста на лицата кои работат во лабораторијата. Акредитирањето беше спроведено од страна на стручна комисија од Институтот за акредитација на Република Северна Македонија како овластена институција.
Лабораторијата на ОКТА врши тестирање на повеќе нафтени деривати како моторни бензини, дизел гориво, млазно гориво, течен нафтен гас (ТНГ) и масла за горење (екстра лесно и мазут). Акредитирани се вкупно 53 методи (EN ISO, ASTM, IP), а годишно во просек се изработуваат повеќе од 20.000 анализи. Благодарение на високите перформанси на лабораторијата, компанијата веќе четврта година успешно ја спроведува Програма Гаранција преку која се гарантира квалитетот и количината на горивата на сите бензински станици од брендот ОКТА.