(Скопје, 19.09.2017) – Десет студенти од УКИМ ќе добијат целосна стипендија за постдипломски студии од ОКТА. Со меморандумот за соработка потпишан денеска меѓу компанијата и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” се дефинирани поединостите во врска со доделувањето на стипендиите. Како дел од својата општествено одговорна практика, компанијата ОКТА ќе додели стипендии за оние студенти кои што покрај исполнувањето на примарните услови наведени во конкурсот за втор циклус студии, објавен од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, уште и ќе се истакнат со своето знаење и вештини, во согласност со Факултетот на кој се пријавени. Со овој чекор ОКТА уште еднаш ја потенцира важноста од постојано вложување во едукација и интелектуален развој на младите.
„Образованието е суштината за напредокот на една заедница, а ефектите и резултатите од градењето високо квалификувани кадри се видливи на подолг временски период. Целта и заедничката визија за оваа соработка е да се изградат кадри кои ќе бидат спремни да носат важни стратешки одлуки и ќе ја претставуваат движечката сила за развојот на земјава. Во ОКТА постојано вложувавме во образование, истражување и иновации, затоа со доделувањето на овие 10 стипендии очекуваме дека ќе иницираме нови научно истражувачки проекти кои ќе имаат позитивни ефекти во различни сфери важни за целата заедница“, изјави Јанис Героуланос, Главен извршен директор на ОКТА.
Според условите и критериумите дефинирани во овој меморандум, право на добивање стипендија имаат кандидатите кои ќе се пријават за втор циклус едногодишни студии, за учебната 2017/ 2018 година, во првиот уписен рок, на веќе отворениот конкурс на УКИМ што ќе трае до 9ти октомври 2017 година. Стипендиите ќе бидат доделени за студенти на пет факултети од УКИМ. Две стипендии ќе бидат доделени на Економски факултет за студиската програма МБА менаџмент, за студентите од Машински се предвидени три стипендии за следниве студиски програми, Индустриско инженерство и менаџмент, Материјали, заварување и конструктивно инженерство и Одржлива енергија и животна средина (студии на англиски јазик). За студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии ќе се доделат две стипендии и тоа за Обновливи извори на енергија и Електроенергетски системи, додека за Технолошко металуршки факултет две стипендии ќе бидат доделени за програмите Менаџмент на квалитет и Дизајн и менаџмент на технолошки процеси. Една стипендија е предвидена за студентите кои ќе се пријават на Природно математички факултет, Институт за хемија, за студиската програма Применета Хемија.
„Денешново потпишување на Меморандумот за нас претставува настан од особено значење, затоа што на овој начин се гради и се зајакнува врската помеѓу универзитетот, бизнис секторот и општеството. Уште повеќе нè радува фактот дека иницијативата за доделување на овие стипендии токму на овие факултети потекна од самата компанија. На овој начин, компанијата симболично ги отслика своите потреби и кадровски приоритети. Вака, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, како најзначаен дел на целокупниот образовен систем во Републиката, како витален центар за создавање висококвалитетни стручни кадри, ќе продолжи да ги исполнува високите стандарди за создавање високостручни кадри со цел нивно вклучување во пазарот на трудот и истовремено ќе ги следи и потребите на стопанството”, изјави проф. д-р Никола Јанкуловски, Ректор на УКИМ.
Со потпишувањето на меморандумот се продолжува повеќе годишната соработка меѓу Универзитетот и ОКТА, која се одвиваше преку реализирање на редовната програма за практиканти, како и поддршката од страна на компанијата на различните активности поврзани со унапредување на наставно образовните процеси.