ОКТА трета година по ред додели стипендии на 10 студенти на УКИМ
ОКТА трета година по ред додели стипендии на 10 студенти на УКИМ
(Скопје, 05.12.2019) - На 3-ти декември, десетте добитниците на стипендија го посетија седиштето на ОКТА каде се сретнаа со Главниот извршен директор, г. Јанис Геруланос. Студентите се добитници на целосни стипендии за постдипломски студии на државниот Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Ова е трета година по ред како компанијата стипендира студенти на најстариот Универзитет во државата.
Со оваа програма се опфатени пет факултети од УКИМ кои се блиски и сродни со основната дејност на компанијата. Годинава со стипендии се стекнаа по двајца студенти на Машински факултет, Технолошко-металуршки факултет и Економски факултет, и еден студент на ПМФ – Институт за хемија, додека на ФЕИТ беа доделени три стипендии. Стипендиите се наменети за втор циклус едногодишни студии, за учебната 2019/2020 година.
Преку својата општествено одговорна политика, компанијата ОКТА е активно посветена на унапредување на образовниот процес и поттикнување на младите да вложуваат во своето образование и знаење. Покрај стипендирањето студенти за втор циклус студии во земјата и во странство, поддршката од ОКТА за студентите се проширува и преку реализирање на редовната програма за практиканти, како и поддршката на различни активности за унапредување на наставно - образовниот процес на факултетите.